Шахпаска: Работиме на нова методологија со која пензиите ќе се усогласуваат и со растот на просечната плата

од Берта Китинска
353 прегледи

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со членови на Здружението на пензионерите од Кочани, во кое членуваат и пензионерите од Чешиново-Облешево и Зрновци, кое важи за едно од поголемите здруженија бидејќи брои околу 8.000 пензионери.

Таа ги информираше пензионерите за прашања за кои тие најмногу се интересираат, околу пензионерскиот стандард и за зголемувањето на пензиите.

„Разговаравме и за промена на методологијата за усогласување на пензиите кон која Министерството за труд и социјална политика веќе пристапува и веруваме дека до крајот на годината, ќе биде испорачана нова методологија, со која што пензиите ќе се усогласуваат и со растот на просечната плата,“ рече миинистерката Шахпаска.

На средбата со министерката Шахпаска, членовите на Здружението на пензионери од Кочани се интересираа и за изградбата на регионален Дом за стари лица. Министерката посочи дека во програмата на Министерството за труд и социјална политика е вклучена е изградба на Дом за стари лица со капацитет од 156 лица, изграден согласно најсовремените решенија и стандарди за сместување на стари лица.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев ја информираше министерката дека општината Кочани ќе ги покрие трошоците за комуналиите и уредување на градежното земјиште.

Домот за стари лица има капацитет од 12 еднокреветни соби, од кои шест за лица за попреченост, 66 двокреветни соби и 6 апармани.

Претседател на Здружението на пензионери на Кочани Ѓорѓи Серафимов, посочи дека Домот за стари лица е приоритет на граѓаните на Кочани и затоа и пензионерите од градот сметаат дека што побрзо треба проектот треба да биде реализиран.

Според Шахпаска една од придобивките за оваа најранлива група граѓани е социјалната реформа со која возрасните лица кои не се корисници на пензија и други социјални услуги добиваат месечен надоместок од 6.000 денари, плус додаток од 1.000 денари, со кои се покриваат дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, усогласена со порастот на трошоците на живот во претходната година објавени од Државниот завод за статистика. Оваа социјална услуга ја користат околу 10.000 граѓани.

Министерката беше информирана и за високиот процент на вакцинирани пензионери од општина Кочани, со што таа порача дека имунизацијата мора да продолжи бидејќи само така може да се обезбеди колективниот имунитет, толку неопходен за нашата држава да продолжи со секојдневните општествени текови.

Слични содржини