На маргините на Меѓународната конференција за жените Ромки и патувачите министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се сретна со генералната директорка на директоратот за демократија Снежана Самарџиќ Марковиќ.
Министерката Шахпаска информираше дека преку дијалог и инклузивен процес Северна Македонија успеа со консензус да усвои два клучни закони, односно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Ова, констатираше министерката Шахпаска, е дополнителна гаранција дека законите целосно ќе се имплементираат. Таа нагласи дека во Законот за спречување и заштита од дискриминација родовиот идентитет и сексуалната ориентација е препознаена како основ за дискриминација, што претставува сериозен напредок во однос на заштитата на човековите права.
Директорката на Директоратот за демократија Самарџиќ Марковиќ го поздрави овој успех, особено воведувањето на родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основ за дискриминација.
Министерката Шахпаска информираше дека во законската регулатива за заштита од насилство врз жените и семејното насилство предвиден е мултисекторски пристап, постапување со должно внимание на институции, како и брза реакција на судовите во случаите на насилство.
Директорката Самарџиќ потенцираше дека Северна Македонија, како членка на Советот на Европа е дел од тоа семејство и затоа поддршката и заедничката соработка посебно во делот на политиките за ранливите категории граѓани не само што ќе продолжат, туку и ќе се интензивираат.
Двете соговорнички оценија дека меѓусебната соработка може да се интензивира како во процесот на унапредување на правата на децата, на децата жртви или сведоци на насилство, така и во делот на надминување на проблемот со бездомниците.