Шаќири: Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнати деца

од Nikola Popovski
205 прегледи

Исчезнувањето на личност без трага секогаш предизвикува огромна загриженост и страв кај членовите на семејството, пријателите и познаниците,  чувства кои заедно со она најизразеното во моментот – беспомошноста, може да доведат до избрзани и непромислени постапки. Најсилни се емоциите кога исчезнува дете и затоа, не постои дилема дали државата треба да има систем за рано предупредување за исчезнати деца.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на завршната конференција на пилот проектот за систем за рано предупредување за исчезнати деца, што во период од година и половина го спроведуваше здружението „Новинари за човекови права“ под проектен менаџмент на ЕКПАТ Австрија, а со финансиска поддршка од австриското федерално министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи.

„Добро е што првиот чекор е направен. Имаме пилот проект и огромна благодарност до сите кои учествуваа во креирањето на оваа првична верзија на системот што денес ќе биде презентиран. Се надевам дека ќе биде ефикасен, но и верувам дека сите ние ќе се заложиме во иднина тој континуирано да се надградува, особено со примена на позитивни искуства од развиените земји“, рече Шаќири, потецирајќи дека Северна Македонија е земја која ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на детето и како што рече, ставот по однос на ова прашање, меѓудругото може да го зацврсти и токму со воспоставување и примена на ваква алатка.

Министерот посочи дека образовниот систем има важна улога во раното предупредување за исчезнати деца и дека Министерството за образование и наука го става на располагање сиот свој капацитет во развојот на овој систем.

„Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или пак детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности кои ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени“, рече Шаќири.

Слични содржини