Новиот австриски канцелар Александар Шаленберг истакна денеска во Брисел, во неговата прва посета на ЕУ по положувањето на заклетвата, дека официјална Виена останува близок и сигурен партнер на ЕУ и подвлече дека Западен Балкан останува приоритет на австриската надворешна политика.
„Западен Балкан останува важно прашање за Австрија, близу до срцето“, нагласи тој, додавајќи дека ЕУ може да смета на Виена.
Тој пренесе дека ги известил своите соговорници – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел – за моменталната ситуација во Австрија, по кризата во владата.
Тој посочи дека во Унијата од 27 членки, секогаш има промени во врвот на владата и во владите.
„Овде е нешто сосема нормално и тука е прифатено целосно опуштено“, рече Шаленберг за новинарите.
Тој посочи дека разговарале за теми како што се пандемијата, зголемувањето на цените на енергијата и миграцијата.
Шаленберг рече дека ги поддржува акциите на Европската комисија против Полска.
„Без приоритет на европското право, унијата се распаѓа, тоа е опасен развој“, рече тој.
Основните права, владеењето на правото, подвлекува тој, се работи за кои не може да се преговара.
На прашањето за партнерството со Вишеградската група, тој истакна дека има вештачка дебата во австриската јавност.
„Јас би го сфатил тоа како политика за соседство. Австрија никогаш немаше намера да се приклучи, ниту Вишеградската група сакаше да ја прими“, подвлече тој.