Австрискиот канцелар Александар Шаленберг денеска остро ја критикуваше Партијата на слободата (ФПО) за неодговорно однесување во однос на пандемијата на коронавирусот и подвлече дека карантинот, кој стапува на сила утре, ќе заврши за вакцинираните на 13 декември, додека за невакцинираните ќе продолжи.
Во врска со вчерашните демонстрации, Шаленберг во интервју за виенскиот весник „Кронен цајтунг“ рече дека разбира оти мнозинството граѓани во Австрија не поддржуваат кога малцинство, кое не е солидарно во сегашната ситуација, ја предизвикува полицијата и го загрозува нивната здравје.
Тој посочи дека има тензии во општеството и го критикуваше ФПО, кој е еден од главните организатори на вчерашните демонстрации, дека препорачува ветеринарен лек за лекување на корона, нагласувајќи дека тоа е неодговорно и негирање на реалноста.
„Тоа што ФПО и некои други политички сили го шират во државата е атентат врз здравствениот систем“, потенцира тој.
Шаленберг нагласи дека тоа што го зборуваат и прават е спротивно на разумот и науката и дека овие сили мора да бидат свесни дека преземаат голема одговорност врз себе и дека се соодговорни за моменталната ситуација.
Тој посочи дека ФПО зазел екстремен став, и дека не верува дека сите членови се согласуваат со тоа, бидејќи многумина се вакцинирани. На демонстрантите им порача дека во општеството граѓаните имаат обврска да се грижат за општото добро.
– Точно е дека имаше консензус дека нема да има задолжителни вакцини. Не кријам дека пред неколку дена бев скептичен за задолжителната вакцинација. Меѓутоа, ако малцинството си го земе правото да не се вакцинира и поради тоа имаме се повеќе луѓе на интензивна нега, кои го заземаат местото на други пациенти, таа мерка е неизбежна“, објасни австрискиот канцелар.
Шаленберг изрази жалење што е неопходно да се оди на целосна блокада, додавајќи дека тоа е неопходна краткорочна мерка, а на долг рок само вакцинацијата може да биде перспектива за излез од маѓепсаниот круг. Тој подвлече дека карантинот за вакцинираните и излекуваните ќе трае до 13 декември, дека постои консензус на владејачките партии и најголемата опозиција, социјалдемократите и дека е сосема јасно дека карантинот за невакцинираните продолжува.
Кога станува збор за задолжителната вакцинација, тој рече дека Австрија е подготвена прво да направи нешто за да излезе од пандемијата. Истовремено, изразува загриженост дека поделбите во општеството би можеле да се продлабочат, но и нагласува дека, кога една третина од општеството не сака да послуша, потребно е да се спроведат сите неопходни мерки.