Драмскиот театар Скопје денес го отвори Конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ која ќе се доделува за драмски текст од млад автор, до 30-годишна возраст.
Наградата се состои од паричен износ од 60.000 денари и обврска на Драмскиот театар да го постави наградениот текст на својата сцена во наредните две сезони.
Драмските текстови примени на конкурсот ќе ги оценува петчлена комисија и добитникот на нововостановената награда на ДТС ќе биде објавен најдоцна до средината на мај, годинава.
Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски на прес-конференција денеска соопшти дека иницијативата за наградата е на претходната управа на театарот и со цел да се стимулира драмското творештво кај младите. Според него, сè што е добро треба да продолжи и да се надградува.
Како што рече, Горан Стефановски е „еден од амблематските автори коишто биле поставувани на сцената на Драмскиот театар“.
„Горан Стефановски е неиздвоив дел од историјата на Драмскиот театар кој на својата сцена има поставено 15 претстави, од кои осум се праизведби, на драмски текстови на Стефановски. Токму затоа решивме во негова чест од оваа година да востановиме награда со којашто ќе го стимулираме драмското творештво на младите автори со цел и идеја да ни се роди нов Горан, да ни се родат нови претстави кои ќе живеат на сцената на Драмскиот театар и претстави кои ќе го отсликаат времето во кое живееме, рече Вељановски.
Имињата на петте членови на жирито не ги соопшти затоа што треба да бидат одобрени од Управниот одбор, но рече дека се „исклучително сериозни луѓе, дел од нив универзитетски професори“ и оти ќе има „исклучително компетентна и квалитетна комисија која ќе ги проценува“.
Конкурсот е анонимен и пријавувањето со шифра. Пропозициите се содржани во конкурсот што ДТС ќе го објави денеска на својата веб-страница. Подготвено е и визуелно решение за конкурсот, на авторите Бранко Прља и Дарија Пројковска.
Вељановски соопшти дека на денот на објавувањето на добитникот на наградата „Горан Стефановски“ во мај, ќе биде промовирана и книгата „Горан во Драмски“ од Александра Бошковска, издадена од ДТС во 2020, која досега не е промовирана зашто е објавена во време на корона- пандемијата. Во книгата се содржани податоци за 15-те претстави на Горан Стефановски поставени на сцената на Драмскиот театар.