Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ го обвини градоначалникот на општината, Горан Герасимовски дека невистинито тврди дека досега не е решено уредувањето на земјиштето кај „Треска”. Според нив, урбанистичкото планирање се врши за да се уреди просторот кој е и приватен и јавен, балансирано помеѓу интересите, но секогаш со приориетизирање на јавниот интерес.
-Просторот на секој урбанистички план опфаќа и приватно и јавно земјиште. Конкретно за опфатот кај ф-ка Треска државата поседува вкупно 47,16%, односно скоро половина од вкупната површина со што го побива градоначалникот и вистинитоста на неговите тврдења, велат од „Шанса за Центар“.
Од таму додаваат дека градоначалникот иако ги има во рака конкурсните решенија, платени од парите на граѓаните на Центар, веќе четврти месец не организира јавна презентација пред стручната и засегнатата јавност.
-За да иронијата биде поголема, додека градоначалникот на Центар од СДСМ не ги покажува отворено конкурсните решенија, Општина Кисела Вода под водство на ВМРО ДПМНЕ го користи токму конкурсот за ф-ка Треска за да го реши планирањето на локалитетот Расадник. Со ова Герасимовски докажува дека политичка воља за нови убанистички политики во Центар не постои и дека нема храброст за да ги смени штетните последици од лукративните планови од 2012, соопштија од граѓанската иницијатива.