„Шарено лето“: Децата во социјален ризик на удар поради политички игри, Арсовска не сакала да дава пари за „активисти на СДСМ“

од Маја Анчевска
464 прегледи

Соопштение официјално нема, а зошто навистина не знам, веројатно ќе има, вели Кристина Арнаудова за „Локално“, за проектот „Шарено Лето“ со кој им се овозможува бесплатен летен камп за деца во социјален ризик,  кој постои од 2017 година, а оваа година за прв пат не е поддржан од Град Скопје.

Во последните 6 години колку постои здружението „Проект среќа“, има реализирано над 30 проекти што се јавно објавени на нивната веб  и ФБ страница, а според Арнаудова тоа доволно зборува за релевантност на здружението.

– Скоро сите проекти на „Проектот Среќа“ се поддржани од физички лица донатори, кои сами се пријавуваат да донираат, од бизнис секторот и најмалку од институции. Проектот „Шарено лето“ беше три години по ред поддржан од Град Скопје со учество на градот 50 посто од сумата, а останатите ги обезбедува „Проект Среќа“. Така да нема да ни биде тешко да најдеме средства за овој камп и без Град Скопје, бидејки нашиот рејтинг како здружение кај граѓаните и бизнис секторот е многу висок што произлегува од нашата транспарентност и чесна работа, вели основачката на здружението, Арнаудова, додавјќи  дека „Здружението  само се бори за тие проекти и за деца кои живеат во сиромаштија да имаат еднакви услови за развој и едукација како и нивните врсници“.

Според Арнаудова нема потреба од отварање на донациски броеви бидејќи во рок од 24 часа средствата за кампот се скоро собрани од луѓе и компании кои сами се пријавиле.

– На социјалните мрежи како што можете да приметите нашето влијание е големо и за нас е доволен еден пост да ја постигнеме целта, за среќа. Вредната и чесна работа и искрениот пристап во хуманитарната работа скоро секогаш вродува со плод и позитивен фидбек од општеството. Луѓето знаат да препознаат и да се вклучат кога е потребно, а на тоа сме особено горди. Иако сме мало здружение со две вработени, работиме како да сме 200, а тоа е благодарение на армијата луѓе кои не поддржуваат и оние на кои секојдневно им помагаме ,а на кои им е потребна помош. Мислам дека таа тема веќе не е ни важна. Важно е дека кампот ќе продолжи да постои. Секој со својата мисија. Мојата мисија е да направиме подобро општество за сите, додава Арнаудова.

Членовите на Советот на Град Скопје за „Локално“ велат дека тие не носат одлуки кој проект ќе биде поддржан или нема и дека тоа е во надлежност на комисијата на Град Скопје.

– Проектот е пријавен на повикот од Град Скопје за поддршка на проекти од областа на социјалната, детска и здравствена заштита кој е дел од програмската активност на Град Скопје, за кој секоја година се издвојуваат парични средства. Повикот вообичаено се упатува на почетокот од годината. Советниците не учествуваат во носењето на одлука во врска со повикот. Тоа го прави комисија која врз основа на приложените документи прави бодирање на секој поднесок.  Комисиите кои оценуваат/ бодираат се интерни тела, тие само даваат предлози, а се формирани со решение од градоначалник, вели Јанчева Љубица од СДСМ.

 

Сергеј Попов од ВМРО- ДПМНЕ вели дека на седница на Совет нема носено одлука за давање или недавање на средства за поддршка на овој проект, како и во било кои други ситуации кога некој аплицира за поддршка од Градот.

– Тоа се прави на комисија составена од вработените во Град Скопје и нема допирна точка со советот, вели тој.

 

На иста линија е и Горјан Јовановски од Зелен Хуман Град, кој повтори дека Советот не одлучува за секоја одлука поединечно, тоа го прават службите на Градот.

– Пример за кој ќе добие дозвола во парк да има штанд, кој ќе добие субвенција за инвертер клима, а и кој ќе добие пари за ваков проект е работа на службите во Градот и не поминуваат тие одлуки низ советот, дециден е Јовановски.

 

Теодора Крстевска од редовите на Коалицијата „Движењето одлучно за промени“ вели дека за ова прашање, за жал, не се задолжени советниците.

– Се работи за јавен повик на кој се пријавуваат невладини и потоа комисија формирана од кабинетот на градоначалничката одлучува кој проект ќе се реализира, кој не, вели таа.

Од Град Скопје за „Локално“, велат дека изминатите денови биле сведоци на неосновани напади и лични навреди со обиди за политизација во однос на Проектот на Здружението на Кристина Арнаудова и нејзиниот сопруг кои повеќе години од институциите од централната и локалната власт испумпувале средства за проекти.

– Црвениот крст со години е партнер на Град Скопје и спроведува летен камп за децата со социјален ризик опфаќајќи ги и децата што биле опфатени со проектот на Арнаудова и нејзиниот сопруг. Партнер на Градот Скопје е Црвениот крст што е организација со традиција и креира позитивни промени во државата децении наназад. Одлуките на Град Скопје и сега и во иднина ќе бидат базирани врз оцена на квалитет на сите понудени проекти. Ако тоа било пракса порано да се даваат средства на политички подобни организации чии основачи се политички фигури кои на овој начин со буџетски средства се самопромовирале, таа пракса престанува со новиот мандат, упатуваат од Град Скопје.

Од Град Скопје посочуваат дека нема да дозволат СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти.

– Проектите кои ќе се поддржуваат се вреднуваат според квалитетот и импактот кои ги имаат во општеството во социјалната сфера. Фактите за оваа организација говорат дека Проектот на Арнаудова и нејзиниот сопруг од градот Скопје во 2019 година добил финансиска поддршка од 250.000 денари, во 2020 година има добиено финансиска поддршка од 250.000 денари, во 2021 година има добиено 200.000 денари за летниот камп. Очигледно овие средства на Град Скопје се давале за активности кои веќе се спроведуваат и тоа поцелоопфатно од страна Црвениот крст, велат од Град Скопје.

Тие посочуваат дека организацијата земала средства од 30 компании со финансиски донации, околу 300 донации со производи, како и други органи на државната управа од кои добиле финансиска поддршка меѓу кои општина Центар, Агенцијата за млади и спорт и се разбира од Градот Скопје.

– Прејудицирањето дека Градот е обврзан да финансира некоја организација е јасен обид за политизирање, особено имајќи предвид дека Градот Скопје подржува проекти на релевантни организации како Црвениот Крст каде квалитетот на понудени активности е висок и делуваат волонтери, но и на над 50-тина други здруженија на граѓани кои имаат понудено проектни активности во социјалната сфера кои од комисијата добиле висока оценка. СДСМ и претходното градско раководство треба да и објасни на јавноста зошто се давале парите на граѓаните на проекти на партиски подобни организации, кои голем дел од средствата ги трошеле на хонорари, велат од Град Скопје.

М.А.

Слични содржини