Обединетата македонска дијаспора официјално се обратила до канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли во врска со нејзиниот неодамнешен твит во кој за Македонците во Канада е употребен терминот „северномакедонски“.
-Во 2018-2019 година, Македонија беше принудена да го смени своето име за да ја смири Грција, а денес Македонците на глобално ниво се наоѓаат секојдневно дискриминирани со тоа што се нарекуваат „северни“, што е очигледно од твитот на канадската министерка за надворешни работи. Нашата порака ја истакнува важноста од прецизно претставување на македонската заедница во Канада, која гордо се идентификува како македонско-канадска. Побаравме бришење и корекција на твитот за да бидеме сигури дека идентитетот на заедницата се почитува, стои во апелот на ОМД.
FM @melaniejoly, we're glad to see your meeting w/ FM @TimcoMucunski at #NATO. A small clarification: there is no 'North Macedonian'—the term is Macedonian. We kindly ask you to delete the tweet & correct this mistake, as the community in Canada identifies as Macedonian-Canadian. https://t.co/4LC4dNVUKR
— United Macedonian Diaspora (@UMDiaspora) December 4, 2024
За средбата со неговата канадска колешка, министерот Тимчо Муцунски објави дека биле потврдени одличните билатерални односи помеѓу двете земји.
-Разговаравме за понатамошен развој на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка, бизнис релациите и трговската размена, при што ја истакнавме значајната улога и придонесот на нашата дијаспора во Канада во овој контекст, стои во објавата на Муцунски на социјалните мрежи.
Договорот со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба, со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“. Во Договорот од Преспа има прецизно упатство – во „неправилни примери“ се вклучени „Северно македонски”, „С. Македонски”, „северномакедонски“ и „СеверноМакедонски”, кои, како што пишува, не треба да се употребуваат.