Шефицата на ЕК: „Предлагаме Украина и Молдавија да станат кандидати за членство во ЕУ“

од Stefanija Kuzmanovska
233 прегледи

Европската комисија денеска одлучи да го поддржи доделувањето кандидатски статус за членство во Европската унија на Украина и на Молдавија, откако „внимателно разгледа“ дали Украина ги исполнува политичките и економските критериуми. Шефицата на ЕК Урсула фон дер Лејен нагласи дека доделувањето кандидатски статус на Украина е условено со продолжување на важните реформи.

Предлогот на Комисијата за доделување кандидатски статус на Украина е клучен чекор во долгиот процес на стекнување полноправно членство во ЕУ, а сега мора да биде одобрен едногласно од шефовите на држави и влади на земјите-членки.

„Веќе имплементираа околу 70 отсто од европските стандарди и норми“
„Украина и пред војната беше на пат кон ЕУ и веќе осум години постепено се приближуваше кон членството… Тие веќе имплементираа околу 70 отсто од европските стандарди и норми“, рече Фон дер Лејен.

Таа, меѓу другото, истакна дека Украина има силна демократија, активно јавно општество, фер изборен систем, развиен образовен систем и дека има преземено важни чекори кон функционална пазарна економија.