Недостигот од полупроводници, на кој не му се гледа крајот, ќе предизвика големи проблеми во автомобилската индустрија во 2022 година, предупреди во понеделникот новиот извршен директор на германската технолошка компанија Bosch, Стефан Хартунг.
„Мораме јасно да ставиме до знаење дека кризата со чипови не е завршена“, изјави за германски „Фокус“ шефот на најголемиот светски снабдувач на автомобили во светот.
„Сите ние во германската индустрија многу се потпираме на претпоставката дека проблемот со „тесното грло“ за снабдување ќе биде решен. Ако немате чип, не можете да го комплетирате системот за контрола на автомобилот, дури ни самото возило. Тоа ќе не чини многу енергија во текот на 2022 година“, рече Хартунг.
Поради кризата предизвикана од недостигот на чипови, новата германска владејачка коалиција на левиот центар можеби нема да ги постигне сите свои цели, како онаа со околу 15 милиони електрични автомобили на германските патишта до 2030 година, пишува „Хина“.
„Тоа ќе биде невозможно доколку наскоро не се решат проблемите во глобалните синџири на снабдување. И тоа не се однесува само на автомобилската индустрија“, нагласи лидерот на Bosch и изрази општ скептицизам кон крајниот рок што го постави Берлин.
За постигнување на таа цел не се потребни само суровини, батерии и побарувачка што ќе зависи од инфраструктурата, туку и промени во општеството и технолошка трансформација, објасни Хартунг, кој за неколку дена го „презема кормилото“ од Волкмар Денер.