Шефот на делегацијата на ЕУ во Србија: Внимателно ги следевме локалните избори, жалиме за инцидентите

„Ги повикуваме надлежните национални органи да обезбедат брзо и транспарентно продолжување на постапките и сторителите да ги повикаат на одговорност“ пишува Бекерат

од Кристијан Димков
6 прегледи Фото: European Policy Centre

Европската унија (ЕУ) внимателно ги следеше локалните избори одржани на 29 март во десет општини во Србија, соопшти денес шефот на делегацијата на ЕУ, Андреас фон Бекерат, додавајќи дека Делегацијата на ЕУ жали поради пријавените неправилности и инциденти за време на изборите.

„Го поздравуваме фактот што националните власти го поканија Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа да ги набљудува локалните избори. Ги земаме предвид наодите на набљудувачката мисија објавени на 30 март“ се наведува во објавата на Бекерат на мрежата „Х“.

Тој додава, „како што е наведено во соопштението на делегацијата, жалиме поради бројот на пријавени неправилности и инциденти за време на изборите, нерамноправните услови за сите учесници и со загриженост ги примаме извештаите за акти на насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и медиумски работници“.

„Ги повикуваме надлежните национални органи да обезбедат брзо и транспарентно продолжување на постапките и сторителите да ги повикаат на одговорност“ пишува Бекерат.

Во објавата додава дека „го поздравуваме високиот одѕив на гласачите и активното ангажирање на граѓаните и потсетуваме дека е должност на државата да ги заштити граѓаните од насилство, да гарантира соодветни услови за граѓанските набљудувачи за да ги спроведуваат своите активности во средина ослободена од притисоци и заплашување, како и да ја осигура безбедноста на новинарите во контекст на изборите“.

„Потсетуваме дека, надоврзувајќи се на првите позитивни чекори преземени за решавање на загриженоста околу интегритетот на избирачкиот список, изборниот процес бара понатамошни конкретни подобрувања и реформи. Во таа насока, повикуваме на инклузивен процес што ги вклучува сите релевантни чинители со цел да се унапреди работата на целосната имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа, за подобрување на изборната рамка и нејзината примена, значително пред следните национални избори“ – изјави Бекерат, додавајќи дека „внимателно да го следиме развојот на настаните во врска со изборните реформи, како и идните локални и национални избори, бидејќи правилното функционирање на демократските институции на Србија е во самата срж на нејзиниот процес на пристапување кон ЕУ“.