Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, изјави дека преговорите за техничките детали за прекинот на огнот ќе започнат следната недела. „Се договоривме следната недела тимовите да почнат да разговараат за сите детали на техничко стручно ниво“, изјави Јермак.
За време на состанокот на украинската и американската делегација во Џеда се разговарало за различни опции за безбедносни гаранции.
„Денеска анализиравме неколку можности и во моментов има повеќе опции на маса. Денеска не би навлегувал во детали бидејќи консултациите се уште траат… Но, тоа мора да бидат гаранции кои 100 отсто ќе спречат каква било агресија во иднина“, рече Јермак.
Тој додаде дека САД сега ќе разговараат со Русија за предлозите формулирани за време на средбата со украинската делегација.
„По оваа средба, руската страна го држи клучот. Целиот свет ќе види кој навистина сака мир и кој само зборува за тоа“, заклучи Јермак.
Украина: Зеленски не беше физички присутен на преговорите, но одигра клучна улога
Иако физички не учествуваше во вчерашните преговори меѓу украинските и американските претставници во Џеда, претседателот Володимир Зеленски одигра клучна улога во раководењето на украинската делегација, потврди украинското МНР.
Портпаролот Хеорхи Тихији рече дека преговорите покажале „компетентна рамнотежа на флексибилност и решителност“, при што Зеленски ја координирал украинската страна од далечина.
„Преговорите траеја повеќе од осум часа, речиси без прекин, освен кратка пауза за ручек, на која имаше и работа“, рече Тихији.
Во „завршната фаза“, која траеше неколку часа, Зеленски лично имаше клучна улога, насочувајќи ги активностите на украинската делегација, особено по прашањето за безбедносните гаранции, рече портпаролот.