Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот рече дека присилното слетување на патничкиот авион во Минск е државно киднапирање и повика на итна меѓународна истрага и ослободување на опозицискиот новинар Роман Проташевиќ.
„Ова е државно киднапирање и покажува како режимот во Минск ги напаѓа основните демократски права и ја гуши слободата на изразување и независните медиуми“, рече Столтенберг во видео пораката за поздравување на санкциите на ЕУ против Белорусија.
„Мора да се спроведе итна меѓународна истрага. Новинарот Роман Проташевиќ и неговата придружничка Софија Сапега мора веднаш да бидат ослободени“, рече шефот на НАТО.
По средбата со естонската премиерка Каја Калас, Столтенберг рече дека присилното слетување на патничкиот авион е „опасно и неприфатливо“.
Членките на НАТО ќе се состанат подоцна во вторник за да разговараат за случајот.