Павел Дуров, основачот на апликацијата Telegram, кој е под истрага во Франција, денеска објави дека француските власти наместо да го приведат, требало да и се обратат на неговата компанија со поплаки.
На својот канал Telegram, во својот прв јавен коментар по притворањето минатиот месец, Дуров негираше каква било сугестија дека апликацијата е „анархичен рај“.
„Ова е погрешен пристап“
Тој рече дека истрагата за апликацијата го изненадила бидејќи француските власти можеле во секое време да стапат во контакт со претставникот на Telegram во ЕУ.
„Ако државата не е задоволна со услуга на Интернет, стандардна практика е да покрене правна постапка против самата услуга“, напиша тој.
„Користењето закон од ерата пред паметните телефони за да се обвини извршен директор за злосторства извршени од трети лица на платформа со која управува е погрешен пристап“, вели Дуров.
„Telegram не е некој вид анархичен рај“
Тој рече дека Telegram не е совршен, но негираше каква било злоупотреба поврзана со апликацијата.
„Но, тврдењата во некои медиуми дека Telegram е некаков анархичен рај се апсолутно лажни. Ние отстрануваме милиони штетни објави и канали секој ден“, напиша тој.
Дуров е роден во Русија, но подоцна доби француско државјанство. Тој беше приведен кон крајот на минатиот месец во Франција во услови на истрага за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и лажни трансакции поврзани со апликацијата.