Сопственикот на платеничката војска „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во аудио порака објавена од прес-службата на неговата компанија, уште еднаш ги нападна руското министерство за одбрана и Главниот стожер на руската армија, обвинувајќи ги дека го блокирале снабдувањето со муниција на „Вагнер“ и за спречување на воздушен транспорт на групата, која неколку земји ја прогласија за меѓународна терористичка организација.
„Началникот на Главниот стожер и министерот за одбрана издаваат наредби од сите страни дека е забрането да се дава на Вагнер не само муниција, туку и помош во воздушниот транспорт. Добивме и информација дека ни ја откажале нарачката за лопати за да не можат нашите момчиња да копаат ровови“, вели Пригожин и додава дека тоа е обид да се уништи „Вагнер“.
„Тоа може да се изедначи со велепредавство“, се додава во пораката.
Пригожин вели дека на теренот, во рамките на „зоната за специјална воена операција“, командантите сè уште им предаваат муниција на неговите борци, ризикувајќи да се гонат, сугерирајќи дека проблемот е на врвот на командниот синџир.