Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска придружувана од членката на Извршниот одбор на СДСМ и заменик претседателка на Собранието на Р. Македонија, Рената Дескоска денеска се сретна со заменик претседателката на Риксдагот на Кралството Шведска, Изабел Дингисан.
Како што соопштуваат од партијата, на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, текот на преговорите и потребата на граѓаните од брзо решавање на длабоката политичка криза преку одржување фер и демократски избори.
– Власта бега од Договорот од Пржино затоа што тој обезбедува решенија за организација и спроведување фер и регуларни избори од кои тие се плашат. Целта на власта е преку измените во законите кои ги ограничуваат ингеренциите на министерот за внатрешни работи, да го блокираат процесот за обезбедување на основните услови за одржување фер и демократски избори. СДСМ заедно со граѓаните цврсто стои на ставот дека се опција само регуларни избори. Посветено работиме на решенијата за клучните услови, не отвораме нови прашања и тоа е начинот да се постигне договор, што власта очигледно не го сака, рече заменик претседателката Шекеринска.
На средбата, како што се наведува во соопштението, заеднички е констатирана потребата од демократски институции во кои граѓаните ќе имаа доверба, како и обновување на демократските процеси што ќе обезбедат стабилна иднина за граѓаните и државата.
