Шекеринска: Кога Путин ја започна инвазијата на Украина, сакаше помалку НАТО, наместо тоа, доби повеќе НАТО

од Milan1
201 прегледи

„Членството во НАТО е пат кој бара посветеност и истрајност, но резултатите се вредни за секој сојузник“, рече заменик-генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска, на годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ во Селен, Шведска. Настанот се одржа на тема „Ковање на иднината: Стратегиската визија на НАТО под новото раководство“.

„Патот до НАТО не е секогаш лесен, но изборот да се приклучите на Алијансата е избор на слобода и демократија. Северна Македонија го направи тој избор, како што го направивте и вие во Шведска. Вашето членство е добра вест за стабилноста на Балтикот, Далечниот Север и пошироко,“ рече Шекеринска, осврнувајќи се на предизвиците и успесите на Шведска на патот до НАТО.

Таа ја нагласи важноста на колективната безбедност, особено во услови на зголемени глобални закани.

„Кога претседателот Путин ја започна инвазијата на Украина, тој сакаше помалку НАТО. Наместо тоа, доби повеќе НАТО,“ рече Шекеринска додавајќи дека Алијансата „останува обединета и подготвена за одбрана“.

Таа се осврна на стратешката визија на НАТО, истакнувајќи дека е време за зголемена мобилизација.

„Мора да ги зголемиме трошоците за одбраната и производството за да го гарантираме мирот и безбедноста на нашите граѓани,“ рече таа.

Осврнувајќи се на заканата од Русија, Шекеринска рече дека „Москва е најдиректната опасност за стабилноста“ и дека нејзините воени трошоци значително растат.

„Русија заедно со Кина, Иран и Северна Кореја имаат за цел да го дестабилизираат глобалниот поредок и да ги ослабат нашите демократии,“ рече Шекеринска.

Таа го заврши обраќањето со порака за итна акција: „Мора да останеме силни, обединети и да преземеме чекори веднаш за да го зачуваме мирот и слободата.“

Слични содржини