Министерката Радмила Шекеринска денеска преку видео- конференциска врска имаше состанок со одбранбените аташеи на нашата земја во САД, Франција, Турција и Германија, како и со одбранбено – дипломатските претставници во седиштето и командите на Алијансата.
Шекеринска им се заблагодари на нашите претставници во странство за сите досегашни заложби во претставувањето на Северна Македонија во НАТО, но и пред нашите сојузници во Вашингтон, Париз, Анкара и Берлин.
Северна Македонија, порача министерката Шекеринска, по триесет години, е полноправна членка на Алијансата и рамоправно учествува на главната маса со останатите 29 сојузници, и одбранбено дипломатските претставници имаа важна улога во овој успех за државата. Сега е време да покажеме дека по полноправното членство мотивацијата не само што не е намалена, туку дека сме сериозна и одговорна членка која ќе ги реализира обврските од членството во НАТО како што треба – рече министерката.
„Треба да сме јасни дека ја цениме подршката од сојузниците за нашето поплноправно членство, но и да покажеме дека тие со членството на Северна Македонија во НАТО добија одговорна членка која знае што сака, која ќе ги реализира обврските кои произлегуваат од полноправното членство. Резултатите кои ќе ги постигнеме во НАТО ни ги градат позициите и во ЕУ. Ова ќе биде година на интензивни реформи дома, посветени на двете стратегиски цели подеднакво“, порача министерката.
Министерката Шекеринска од одбранбено дипломатските претставници побара координиран и прецизен ангажман во унапредувањето на билатералната соработка со земјите во кои се стационирани, а фокусот на соработката да биде во интерес на двете страни – да побараме поддршка каде што ни е потребна, но и ние да го понудиме она што го имаме како способност или капацитет.