Британско-холандскиот нафтен гигант „Шел“ објави дека поради напнатата ситуација на пазарот, привремено ја ограничува продажбата на нафта за греење, дизел и други производи на одредени големи клиенти во Германија.

„Шел“ го објасни потегот со „големи нарушувања и недостиг на енергетските пазари“ предизвикани од војната во Украина, последователните санкции против Русија и растот на економската активност по затишјето на пандемијата.

„Со цел да продолжиме да ги исполнуваме нашите договорни обврски, ја ограничивме продажбата на нафта за греење, дизел и други производи на физичките пазари без претходен договор“, соопшти британската компанија.

„Правиме се што можеме за да ги стабилизираме синџирите на снабдување што е можно повеќе, но тешко е да се предвиди како ќе се развива ситуацијата“, додаваат тие.

Портпаролот на компанијата одби да ја коментира одлуката.

Дискусиите за забрана за увоз на нафта од Русија во понеделникот ги подигнаа цените на највисоко ниво од 2008 година, на 139 долари, поттикнати од стравувањата дека САД и Европа би можеле да го забранат увозот на руска нафта. Во текот на денот ситуацијата малку се смири и цената се лизна на 123 долари.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, цените се зголемија за околу една третина.

Тие го достигнаа највисокото ниво од почетокот на тргувањето на финансиските пазари во летото 2008 година, кога за барел се тргуваше по речиси 150 долари, потсетува агенцијата „ДПА“.

Слични содржини