Шер призна дека изгубила милиони од својот сингл „Believe“ откако направила „глупава“ грешка.
Музичката икона ја издаде електро-поп мелодијата уште во 1998 година и беше на врвот на топ листите во над 23 земји и продадена во над 11 милиони копии. Песната освои и Греми, и е една од најпродаваните песни на познатата пејачка до сега, но таа откри дека направила огромна грешка при снимањето на песната, пренесува „Мирор“.
Во интервјуто со Вернон Кеј за „Tracks of My Ears“ на BBC Radio 2, 77-годишната пејачка се присетила дека била „премногу глупава“ за да бара признание за нејзиниот придонес во текстот на песната, што значи дека пропуштила милиони.
Брајан Хигинс, Стјуарт Мекленан, Пол Бери, Стивен Торч, Метју Греј и Тимоти Пауел се официјалните текстописци на „Believe“, а Шер го сподели своето разочарување што не можела да добие заслуги, особено затоа што напишала два од најпознатите стихови на песната.
„Не можете ни да замислите – пишуваше околу 30 луѓе. И јас го пишував тоа и бев толку глупава – не барав дури да добијам ни признание на писател! Јас го напишав делот: ‘Имав време да размислувам за тоа, и можеби сум премногу добра за тебе’“, му рече таа на Вернон.
Шер изјавила и дека не сакала целата песна да биде за скршено срце и осаменост.
„Можев да добијам многу пари“, рече таа. Подоцна во интервјуто Шер откри дека излегла од студиото додека ја снимала песната откако нејзиниот вокал бил критикуван од продуцентите.
Шер била одлучна да го промени својот вокал за да одговара на електро-поп чувството на песната, но продуцентите се откажале од нејзините предлози, додека на крајот не попуштиле.