Шест банки досега се вклучија во кредитно-гарантната шема со потпишување на договор за издавање портфолио гаранција од Гарантен фонд кон нив. Со ова, од Гарантниот фонд се ставија на располагање 15 милиони евра во гаранции кон банките и штедилниците, со цел поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни фирми.
Под портфолио гаранција, банка или штедилница, може да стават кредити дадени на микро, мали и средни фирми во доминантна приватна сопственост за основни или обртни средства. Кредитите кои може да бидат ставени под портфолио гаранција треба да бидат со максимален износ до 30.750.000 денари и рок на отплата до три години за кредити за обртни средства, односно до осум години за кредити за основни средства.
Развојна банка на Северна Македонија до денес има издадено портфолио гаранции кон Стопанска банка АД Битола, УНИ банка АД Скопје, Централка Кооперативна банка АД Скопје, Капитал банка АД Скопје, Халкбанк АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје. Листата на банки и штедилници кои се дел од гарантната шема, се очекува да се шири и понатаму.
Кредитно-гарантната шема е дел од економските сетови на мерки донесени од Владата на Република Северна Македонија заради справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, и е дел од Планот за забрзан раст и развој на Владата. Со дополнување на Законот за Развојна банка на Северна Македонија, во рамките на истата, се формираше Гарантен фонд како посебна организациона единица. За Гарантниот фонд иницијално се одвоени средства во износ од 10 милиони евра со кои може да се гарантираат кредити во вкупен износ до 100 милиони евра.
Преку Гарантниот фонд се реализираат два производи (1) портфолио гаранции кон банки и штедилници, за поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни трговци и (2) индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз, за кои големите компании може да се обратат директно до Развојна банка на Северна Македонија.