Шест пратеници немаат поднесено изјава за имотната состојба до ДКСК

од Nikola Popovski
64 прегледи

До денеска, имајќи предвид дека истече рокот за пријавување на богатството на актуелните пратеници, само 5 отсто од пратениците, поточно шест пратеници, воопшто немаат поднесено изјава за имотната состојба и интересите, откако беа избрани на функцијата пратеник, информира вчера претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.

„Морам да кажам дека толкав број, односно толкав интерес и почитување на законската обврска на службените лица да пријават имот, се должи на нашата проактивна улога, во многу случаи преку соопштенија испратени до медиумите и објавени на нашата веб-страница“, додала Димитровска во емисијата „24 анализа“.

Во однос на овие шест пратеници кои не го испочитувале законскиот рок, антикорупционерката појасни дека е започната постапката за поведување прекршочна постапка.

„Јас можам да прочитам некои имиња кои воопшто немаат поднесено, меѓутоа во тек е испитување, голем број од овие функционери и немаа информација дека треба да достават електронски, па доставуваа во хартиена форма… Според моите податоци со кои располагам нема никаков поднесок Петар Ристевски, Миле Цеков, Федите Хаџиу има уште рок, и Ељми Азили, ова се пратениците од новиот состав кои се уште немаат поднесено ниту во хартиена форма, ниту се пријавени во електронскиот систем“, рече Димитровска.

Прашана околу случајот со поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, за која ВМРО-ДПМНЕ има поднесено претставка дека поседува хациенда и постојано одржува прес-конференции, а за што Петровска веќе имаше судски спор што таа го доби и докажа дека таа хациенда не била на нејзино име, дали повторно сега ДКСК ќе работи на таа претставка, Димитровска одговорила потврдно.

Исто така Димитровски информира дека по допрен глас оформиле предмет во однос на патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон на Самитот на НАТО и испратиле допис до Генералниот секретаријат на Владата со барање да им биде доставена целокупната документација.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси избраните и именуваните лица имаат обврска да достават изјава за имотната состојба и интереси и промена на имотната состојба на интересите во електронска форма, во рок од 30 дена од изборот/именувањето, односно промената во имотната состојба и интересите.

Слични содржини