(Видео) Шилегов: Молкот на Премиерот и неговите луѓе го потврдува упадот во судството

од Vladimir Zorba
111 прегледи

Тоа што Премиерот досега не коментира за објавените аудио-снимки од лидерот на опозицијата Зоран Заев, е потврда дека Никола Груевски заедно со првиот човек на ДБК Сашо Мијалков, воедно и негов братучед, прислушувале, изјави денеска пред новинарите портпаролот на СДСМ.

– Груевски потврди дека тој и неговите најблиски соработници направиле упад во правосудството: местеле обвинителско-судски одлуки, избирале и разрешувале судии по партиска подобност. Тоа го говори бегството на Никола Груевски од коментар на скандалозните содржини на прислушуваните разговори. Тоа го потврдува и молкот на неговите најблиски соработници, диригентите во судството, Мијалков, Ставрески, Јанкулоска, рече Шилегов.

Петре Шилегов во изјава за медиумите потенцираше дека Груевски безуспешно се обидува да манипулира, а дека јавноста од вчера стана сведок кој го урнисал уставниот поредок на Република Македонија.

– Меѓу нив, запрепастувачки е и Јавниот обвинител Марко Зврлевски, кој е платен од граѓаните на Македонија да ги штити нивните интереси. Зврлевски наместо да покрене постапка за скандалозното прислушување и упадот на извршната во судската власт, денеска со неговата изјава само потврди дека е партиски, а не јавен обвинител на Република Македонија, рече Шилегов.