Од следната недела во бараката број 16 во Град Скопје ќе се работи двосменски, од 7.30 до 19.30 часот. Во текот на работењето ќе има две паузи, од 11.30 до 12 часот и од 14.30 до 15 часот, соопшти градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Граѓаните во барака 16 можат да регулираат данок на промет, наследство и подарок, данок на имот и комунална такса-фирмарина.
– Работиме интензивно веќе на подготвување на реален едношалтерски систем во кој граѓаните ќе можат оние активности кои се врзани и со градската адиминстрација да ги извршуваат и на шалтерите на централната власт и на скопските општини со цел услугите кои ги дава Град Скопје да бидат транспаренти, едноставни и лесно достапни за секој наш сограѓанин – рече Шилегов.
Тој потенцира дека ова е почеток на работење на новата градска администрација. Најави дека наскоро ќе бидат презентирани активностите кои ги преземаат со цел да се подобри услугата и транспарентноста на Град Скопје.