„Ширење пропаганда против државата“: Ирански фудбалер од тренинг однесен во затвор

од Nikola Popovski
123 прегледи

Редовниот критичар на социјалните проблеми во Иран и поранешен фудбалски репрезентативец на таа земја, Ворја Гафури е лишен од слобода.

Според новинската агенција Фарс, апсењето се случило на тренингот на Фулада, чиј дрес го носи овој слободоумен фудбалер, под обвинение дека „го затемнувал угледот на репрезентацијата и ширел пропаганда против државата“.

Гафури е познат по тоа што го кажува она што го мисли, иако тоа често е во спротивност со официјалната политика на Иран и дејствијата на тамошната влада, па во една прилика се најде на удар на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој јавно го укоруваше за „гризење на раката што го храни“.

Меѓу другото, тој се залагаше за присуство на жени на фудбалските натпревари на машките тимови и остро го осуди апсењето на сонародничка кога таа се обидела да влезе на стадионот.

„Како фудбалер, навистина сум понизен што играм во ера кога на нашите мајки и сестри им е забранет влез на стадионите“, коментираше тој по тој повод.

Таа забрана беше укината во 2022 година, на ниво на целата земја, но пред неколку месеци едно девојче почина како последица на тортура во затвор, каде што заврши поради несоодветно носење исламска облека.

Гафури и во таа прилика остро и бестрашно го крена гласот, поддржувајќи ги демонстрантите на улиците на Техеран и другите градови, што очигледно го чинеше слобода.

Слични содржини