Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се сретна во Пјонгјанг со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, при што разговараа за прашања од заеднички интерес во областа на националната одбрана и безбедност.
Севернокорејското радио „Гласот на Кореја“ наведува дека Шојгу му предал на Ким писмо од рускиот претседател Владимир Путин.
Севернокорејскиот лидер и рускиот министер за одбрана ја посетија „Изложбата на оружје – 2023“ спонзорирана од министерството за одбрана на Северна Кореја по повод 70-годишнината од победата во Големата патриотска војна, како што земјата ја нарекува Корејската војна (од 1950 до 1953 година).
Шојгу изрази благодарност до севернокорејскиот лидер што покажал гостопримство и големо внимание на делегацијата, и покрај неговиот презафатен распоред. Ким Џонг Ун зборувал за прашања од „заеднички интерес“ поврзани со борбата против „насилството и самоволието на империјалистите“, борбата за суверенитетот и интересите на двете земји, меѓународната правда и мир.
„Ким Џонг Ун уште еднаш изрази уверување дека руската армија и народ ќе постигнат голем успех во борбата за изградба на силна држава“, пренесува РИА Новости.
Руското министерство за одбрана соопшти дека посетата ќе помогне во зајакнувањето на воените врски меѓу Москва и Пјонгјанг и ќе стане важна фаза во развојот на соработката меѓу двете земји. Работната посета на рускиот министер завршува денеска.