Нема потреба од употреба на нуклеарно оружје во Украина за да се постигнат целите на специјалната операција, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Од воена гледна точка, нема потреба да се користи нуклеарно оружје во Украина за да се постигнат поставените цели“, рече Шојгу за време на Московската конференција за меѓународна безбедност, пренесува ТАСС.
Според рускиот министер, главната цел на нуклеарните сили на Москва е да одвратат нуклеарен напад.
„Нивната употреба е ограничена на итни ситуации, кои се дефинирани во руските упатства кои се достапни за јавноста“, додаде Шојгу.
Тој рече и дека изјавите на западните медиуми дека Русија наводно може да употреби хемиско оружје во Украина се апсурдни.
„Изјавите за можна употреба на хемиско оружје во Украина се апсурдни“, рече Шојгу на прес-конференцијата и додаде дека Русија целосно го елиминирала хемиското оружје во 2017 година, пренесува ТАСС.