Светската здравствена организација (СЗО) алармира дека Македонија се наоѓа меѓу земјите со највисока стапка на пушење во Европа. Според најновите податоци, над 46% од возрасните мажи и 27% од возрасните жени во земјата редовно користат тутунски производи или никотин. Овие загрижувачки бројки беа презентирани на Светскиот ден без тутун, каде што СЗО испрати јасна порака: тутунот убива – и тоа може да се спречи.
Аким Али, претставник на СЗО во земјата, истакна дека секоја година над 4.000 луѓе во Македонија умираат како резултат на консумирање на тутун.
„Ова не е нешто што мора да се случи. Тоа може да се спречи со соодветни мерки. Ако не преземеме ништо, освен здравствената катастрофа, се соочуваме и со сериозни последици врз економскиот раст и продуктивноста, особено поради намалување на бројот на население“, предупреди Али.
Од институциите пристигнуваат навестувања за промени. Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, призна дека државните инспектори не вршат доволно контроли за спроведување на забраните за пушење на јавни места. Тој најави нови измени во Законот за употреба на тутун, како и мерки за зголемување на акцизите и царинските давачки за тутунските производи.
Освен традиционалното пушење, загрижува и растечкиот тренд на користење електронски цигари, особено меѓу младите. Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, посочи дека се подготвуваат законски измени со кои ќе се регулираат и промотивните кампањи за електронски цигари, особено оние на социјалните мрежи.
Во своето обраќање, шефот на канцеларијата на СЗО во Скопје предупреди дека во светски рамки дури седум милиони деца веќе се пушачи. Во Македонија, пак, загрижува фактот што дури 70% од пушачите започнуваат да користат тутун на многу рана возраст, што го зголемува ризикот од сериозни здравствени проблеми во текот на животот. Овие податоци се уште еден аларм за потребата од итна акција, поголема едукација, превенција и построги закони за да се заштити јавното здравје – особено кај најмладите.