Шокантни обвинувања против Тесла: Милион возила имаат лажни километри на бројачите?

од Nikola Popovski
35 прегледи

Американскиот производител на електрични автомобили Тесла повторно се најде во центарот на скандал. Овојпат обвинувањата се крајно сериозни: компанијата на милијардерот Илон Маск е обвинета дека манипулирала со километражата на своите возила со цел да го скрати времетраењето на гаранциите и да ги зголеми приходите од поправки. Доколку наводите се покажат вистинити, повеќе од милион возила ширум светот би можеле да бидат засегнати.

Во колективната тужба поднесена против Тесла се тврди дека компанијата ги забрзала отчитувањата на километражата на своите електрични автомобили. На тој начин возилата побрзо би ги достигнале границите за гаранција и лизинг, што би и овозможило на Тесла да избегне покривање на трошоците за поправки. Во исто време, клиентите би биле принудени да купат продолжени гаранции многу порано отколку што инаку би било потребно.

Во обвинението конкретно се вели: „Со врзување на границите на гаранцијата и закупнината на километражата со надуените отчитувања на километражата, Тесла ги зголемува приходите од поправки, ги намалува обврските од гаранцијата и ги принудува потрошувачите предвреме да купуваат продолжени гаранции“.

Еден од клучните тужители, Најри Хинтон од Калифорнија, го опиша своето искуство за американската „CNBC“. Кон крајот на 2022 година, Хинтон купил двегодишен „Tesla Model Y“ со околу 38.000 милји или приближно 61.000 километри. Многу брзо забележал дека километражата не го покажува вистинското поминато растојание.

Според неговите тврдења, бројачот работел најмалку 15 проценти побрзо. Во еден случај, автомобил покажа дека поминал 72 милји (околу 116 километри), кога вистинското растојание било само 20 милји (32 километри). Како резултат на тоа, гаранцијата од 50.000 милји истекла многу порано отколку што очекувало, а Хинтон бил принуден да плати дури 10.000 долари (околу 8.800 евра) за трошоци за поправка.

Судските документи сугерираат дека проблемот може да биде многу поголем од поединечни случаи. Според достапните информации, повеќе од милион возила на Tesla би можеле да имаат неправилно прочитана километража, што би можело да ја отвори вратата за дополнителни тужби и огромни барања за компензација.

Тужителите бараат и компензација и казнена отштета, тврдејќи дека Тесла не само што им наштетила на клиентите финансиски, туку и свесно ги довела во заблуда.

Компанијата сè уште јавно не ги коментирала последните наводи. Оттаму не одговориле на прашањата на медиумите за овој случај. Сепак, според судските документи, Tесла претходно ги оспори сите клучни барања од тужбата, тврдејќи дека тие се „неосновани и неточни“.

Слични содржини