Германскиот канцелар Олаф Шолц ја изразил својата загриженост поради опасноста од регионална војна на Блискиот Исток во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопшти во неделата портпаролот на германската влада.
-Шолц јасно ставил до знаење дека германската влада силно ги осудува заканите од Иран, милитантите на Хезболах во Либан и другите по безбедноста на Израел и неговите граѓани, истакнал портпаролот Волфганг Бухнер.
Канцеларот нагласил дека е неопходно да се прекине „деструктивната спирала на насилство на која се одговара со насилство, да се намалат тензиите и да се работи конструктивно на деескалација“.
Канцеларот повторил дека е време да се финализира договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и да се обезбеди ослободување на заложниците кои ги држат милитантите на Хамас во Појасот Газа.
Тој додал и дека „главните воени цели“ во борбата против Хамас се постигнати и дека страдањата на луѓето во Појасот Газа сè уште продолжуваат и дека тоа е „огромно“.
Меѓународната заедница е сè позагрижена поради можноста од голема војна на Блискиот Исток. Иран и неговите сојузници објавија дека планираат да му се одмаздат на Израел за неодамнешните убиства на челниците на Хамас и Хезболах.