Шолц: „Моја одговорност е ниту едно дете родено во Германија да доживее војна во својата земја“

од Vladimir Zorba
170 прегледи

Канцеларот Олаф Шолц неодамна го промени својот став и заедно со своите сојузници и дозволи на Украина да користи германско оружје за да гаѓа цели во Русија. Тој во четвртокот им порача на граѓаните дека тоа нема да ја вовлече Германија во војна со Русија, пренесува германската новинска агенција (dpa).

„Внимателно се договоривме со сојузниците. Така работиме секогаш“, рече Шолц во Бундестагот. Според него, за вакви далекусежни одлуки „повторно“ се преговара со партнерите и сојузниците.

„Граѓаните можат да веруваат дека ќе постапиме внимателно, дека внимателно ќе ги разгледаме сите ризици“, продолжи канцеларот. „Јас стојам зад таа позиција, како канцелар посветен на мирот и безбедноста на Германија“.

Тој истакна дека Русија неодамна отвори нов фронт во Украина во близина на Харков.

Германија, во договор со своите партнери, утврди дека Украина има меѓународно право да се брани од напади на нејзина територија, градови и граѓани.

Затоа „На Украина и е дозволено да го користи оружјето што ние го испорачавме, секогаш во согласност со меѓународните правни обврски“, рече тој.

Шолц нагласи дека како шеф на влада ја има одговорноста „ниту едно дете родено во Германија никогаш да не доживее војна во својата земја“.

„Тоа е мој апсолутен приоритет“, рече тој, коментирајќи ја зголемената загриженост на граѓаните за можна ескалација и загрозување на мирот во земјата.

Претходниот ден рускиот претседател Владимир Путин се закани со „асиметричен одговор“ доколку Украина нападне руска територија со оружје што го добила од Запад.

Слични содржини