Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека ракетниот напад во источна Полска во близина на украинската граница, во кој загинаа две лица, треба да биде темелно истражен пред да се извлечат заклучоци.
Во своите завршни зборови по самитот на Г-20 на индонезискиот остров Бали, Шолц го нарече позитивен знак тоа што САД понудиле да ѝ помогнат на Полска во истрагата.
Шолц го поздрави фактот што учесниците на Г-20 се согласија да ја осудат војната во Украина.
„Рускиот претседател остана речиси сам во светот со својата политика“, рече Шолц.
Германскиот канцелар за весникот „Велт“ изјави дека страшна вест е уништувањето предизвикано од ракетата во Полска.
„Сега ќе треба детално да видиме која е позадината на тој инцидент“, рече тој, додавајќи дека истрагата ќе покаже за која ракета се работи и од каде дошла.
„Чија и да беше ракетата и која и да беше причината за падот во Полска, тоа немаше да се случи ако немаше руска војна против Украина и сегашните големи воздушни напади врз електроенергетската инфраструктура“, нагласи Шолц, пренесе „Танјуг“.
Тој изјави и дека рускиот претседател Владимир Путин е изолиран во светот.
„Рускиот претседател е речиси сам во светот поради неговата политика. Тој нема ниту еден силен сојузник“, убеден е Шолц.