Шолц доаѓа во Скопје на 11 јуни

од Vladimir Zorba
273 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц следната недела ќе престојува во дводневна посета на Западен Балкан, Грција и Бугарија, потврдија од Берлин.

Според Дојче веле, главни теми ќе бидат ЕУ перспективата, придонесот на Германија за надминување на билатералните блокади и војната во Украина.

Првите станици на дводневната балканска турнеја на Олаф Шолц ќе бидат Белград и Приштина на 10 јуни. Според портпаролот на германскиот канцелар Волфганг Бихнер, меѓу другото, планирана е посета на германските војници на КФОР на Косово.

Потоа, Шолц ќе замине за Солун, на покана на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, каде што вечерта ќе се придружи со претставници на земјите од регионалната иницијатива „Процес за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Следниот ден, 11 јуни, германскиот канцелар заминува за Северна Македонија, а потоа за Бугарија.

Според соопштението од кабинетот на канцеларот, во фокусот на патувањата на Олаф Шолц ќе биде ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан, како и придонесот на Германија за подобрување на регионалната соработка и надминување на билатералните блокади. Дополнително, се додава, централна тема ќе биде натамошната заедничка реакција на руската агресија против Украина.

Како што е наведено на официјалната веб-страница на кабинетот на германскиот канцелар, повеќе детали за програмата за патување ќе бидат објавени во следните неколку дена.

Слични содржини