Шолц и Голоб: Напредокот на Западен Балкан кон ЕУ е премногу бавен

од Nikola Popovski
236 прегледи

Лидерите на Германија и Словенија, Олаф Шолц и Роберт Голоб, изразија желба заеднички да дадат нов момент на процесот за приклучување на Западен Балкан во Европската унија, оценувајќи дека е премногу бавен.

Тие предупредија дека земјите од Западен Балкан веќе 20 години се во чекалната за членство во ЕУ, што според нив е предолго.

Шолц, по разговорот со Голоб во Берлин, потсети дека во 2003 година на шест земји од Западен Балкан им била ветена брза и реална перспектива за членство во ЕУ, но дека оттогаш не се случило многу, пренесува агенцијата СТА.

Затоа Германија и Словенија сакаат да направат сè заедно за да дадат нов моментум на овој пристапен процес, со што земјите од Западен Балкан наскоро ќе станат членки на ЕУ.

Шолц најави дека самитот за Западен Балкан ќе се одржи во ноември годинава во Берлин со цел да се даде нов поттик на таканаречениот „Берлински процес“.

Тој рече дека може да се постигне договор за понатамошни конкретни чекори за европската интеграција на Западен Балкан.

Голоб оцени дека е неопходно да се најде начин овие земји да преземат индивидуални чекори и да постигнат успех на патот кон ЕУ.

Слични содржини