Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека Украина продолжува да отвора артилериски оган врз најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорожје, со што се создава опасност од нуклеарна катастрофа.
Шојгу рече дека руските сили ги преземаат „сите мерки“ за да обезбедат безбедност во електраната, соочени со „нуклеарниот тероризам“ на Киев.
Украина ги негира тврдењата за напади врз Запорожје, која е под контрола на руските сили.
Шојгу изјави дека Украина во изминатите две недели истрелала 33 проектили со голем калибар кон центарот и дека повеќето од нив биле пресретнати од руската воздушна одбрана, но дека некои го погодиле објектот.
„Тие напади на украинската армија ги класифицираме како нуклеарен тероризам“, рече Шојгу.
Киев ја обвини Москва дека го користи Запорожје како складиште за оружје, наведува „Ројтерс“.
Меѓународната агенција за атомска енергија побара создавање безбедна зона околу Запорожје.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков рече дека постои „позитивна динамика“ во врска со идејата.