Во ШПАНИЈА денес, по повеќе од една година, беше укината една од најраните антипандемиски мерки – обврската да се носат маски на отворено – но и покрај ова, многу граѓани сè уште ги носат.
Според новите прописи, маските повеќе не мора да се носат на отворено, освен на места и настани каде што се собираат голем број луѓе, односно каде што не е можно да се одржи пропишаната далечина. Исто така, обврската за носење маски во затворен простор е сè уште во сила.
И покрај фактот дека е укината обврската за носење маски на отворено, многу граѓани продолжуваат да ги носат додека шетаат низ градот, додека престојуваат во парк и слично.
„Повеќето луѓе сè уште ги носат“
„Ме изненади затоа што очекував да видам луѓе без маски, но повеќето луѓе сè уште ги носат“, рече Мануел Мас, 40-годишен пејач од Мадрид.
Една од оние кои сè уште носат маски на отворено, 20-годишната Андреа Соса, келнерка од Мадрид, според Ројтерс изјавила дека продолжува да ја носи маската бидејќи сè уште не е вакцинирана.
„Мислам дека е важно да продолжиме да носиме маски“, рече таа.
Но, некои луѓе на улиците на Мадрид ја прославија одлуката фрлајќи маски во воздух.
Половина од Шпанците примиле барем една доза од вакцината
Според шпанското Министерство за здравство, Шпанија регистрирала 95 случаи на 100.000 жители во последните две недели, што е значително помалку од минатиот месец, кога забележа 150 случаи на 100.000 жители.
Половина од вкупното население од Шпанија од 47 милиони жители примило барем една доза на вакцина, објави Министерството.
Во Шпанија досега се потврдени 3.782.443 случаи на инфекција со коронавирус, од кои починале 80.779 лица.