Шпанија нема да учествува во меѓународната коалиција за заштита на поморскиот сообраќај во Црвеното Море од напади на јеменските бунтовници Хути, но нема да се спротивстави на учеството на европските земји во рамките на конкретната мисија, соопшти денеска шпанското Министерство за одбрана.
Во синоќешното соопштение, шпанската влада посочи дека треба да се создаде специфична мисија посветена на заштитата на поморскиот трговски сообраќај во Црвеното Море.
Таа ад хок мисија треба да има поле на дејствување, сопствени ресурси и цели за кои ќе одлучуваат надлежните тела на ЕУ, наведуваат од шпанското Министерство и додаваат дека на никаков начин не се противат на формирање на таква мисија. Но и дека Шпанија нема да учествува во неа.
Еден ден претходно, Белата куќа објави дека во телефонски разговор во петокот, американскиот претседател Џо Бајден и шпанскиот премиер Педро Санчез ги осудиле неодамнешните напади на бунтовниците Хути врз трговските бродови во Црвеното Море.
Воената коалиција предводена од САД во Црвеното Море, наречена „Чувари на просперитетот“, има за цел да стави крај на нападите на Хутите врз бродовите за кои бунтовниците веруваат дека се поврзани со Израел.
Нападите во голема мера го нарушија превозот, а многу компании решија да го запрат целиот транзит низ Црвеното Море.
Шпанија смета дека мисијата во Црвеното Море нема никаква врска со европската операција Аталанта, која од 2008 година се бори против пиратеријата во Индискиот Океан.
Шпанското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека мисијата Аталанта моментално ја вклучува само Шпанија и само еден брод, фрегатата Викторија, што укажува дека неодамнешното зголемување на пиратеријата во областа бара максимално функционирање на мисијата.