Шпанија вложува 10,5 милијарди евра за да го зголеми одбранбениот буџет на 2% од БДП

од Марта Пешевска
18 прегледи

Шпанскиот премиер вели дека индустрискиот и технолошки план ќе обезбеди земјата да се обврзе да троши два отсто од БДП за одбрана. Шпанија објави инвестициски план вреден 10,5 милијарди евра за да ја исполни својата долгогодишна посветеност кон НАТО, до крајот на годината да издвои два отсто од БДП за одбрана. Владата посочува дека станало јасно, само Европа знае како да ја заштити Европа.

Земјата, која моментално троши околу 1,3 отсто од својот БДП за одбрана, значително помалку од повеќето западни сојузници, беше под притисок од администрацијата на Доналд Трамп да ги зголеми инвестициите, откако претходно вети дека ќе го достигне процентот од два отсто дури до 2029 година. Сепак, премиерот Педро Санчез во вторникот претстави план за индустриски и технолошки развој на безбедноста и одбраната, кој ќе ѝ овозможи на Шпанија да го достигне договорениот процент до 2025 година. Планот, кој веќе е усвоен на владина седница и ќе биде проследен до ЕУ и НАТО, се фокусира на телекомуникациите, сајбер-безбедноста и набавката на воена опрема.

„Непријателите на Европа денес не користат само проектили како што видовме во Украина веќе три години. Тие исто така користат беспилотни летала, паравоени групи кои саботираат синџири за снабдување, сечат гасоводи и подморнички кабли. Тие манипулираат со социјалните мрежи за да шират дезинформации, да создадат поделби и да ја поткопаат довербата во демократските институции, како и да вршат компјутерски закани со вештачка интелигенција врз мрежи, јавни услуги и начинот на живот“, рече Санчез.

Санчез истакна дека неговата влада всушност го исполнува ветувањето дадено од претходната, конзервативна влада во 2014 година и дека овој план ќе помогне да се зајакне европската безбедност во рекордно време.

„Во свет полн со неизвесност, Европа претставува надеж и стабилност. И ние мора да ја заштитиме таа стабилност со зајакнување на безбедносниот и одбранбениот систем. Затоа што, по сè што се случува, јасно е дека само Европа знае како да се заштити, а Шпанија ќе даде свој придонес во таа заштита“, рече тој.

Тој додаде дека неоимперијализмот на Владимир Путин, претставува сериозна закана за европската безбедност, без оглед на тоа колку една земја-членка на ЕУ е географски оддалечена од воените линии во Украина.

„Безбедноста и стабилноста на Украина, Источна Европа, Балтикот и нордиските земји тоа е и безбедноста на Шпанија. Луѓето кои живеат во тие земји знаат дека Путин ги претвора своите зборови во дела и затоа се потпираат на Европа. Она што го бараат е единство. Шпанија нема да молчи на тој повик. Украина се бори, Европа одговара, а Шпанија ги исполнува своите обврски“, рече тој.

Санчез повтори дека дополнителните инвестиции нема да доведат до зголемување на даноците, намалување на социјалните трошоци или зголемување на буџетскиот дефицит. Сепак, планот наиде на критики во рамките на владејачката коалиција, левичарската платформа Сумар го опиша како некохерентен и целосно прекумерен.

Во меѓувреме, Доналд Трамп повторно изврши притисок врз членките на НАТО на почетокот на годината, барајќи зголемување на трошоците за одбрана на дури пет отсто од БДП, тврдејќи дека Америка предолго го носи товарот на глобалната безбедност сама.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, апелираше до членките сериозно да го сфатат овој притисок и да ги зголемат сопствените распределби. Минатиот месец тој изјави дека притисокот веќе дава резултати во земји како Шпанија, Португалија, Белгија и Италија.

„Им велам: сега ви се јавувам да ги постигнете тие два проценти до лето, за да можеме колективно да ја преминеме таа граница. Затоа што ќе треба да вложиме многу повеќе од два проценти. Но, ако не ме слушате, можеби ќе ви се јави некој многу помалку трпелив господин од Вашингтон“, рече Руте.

Слични содржини