Шпанската полиција трага по Пуџдемон, кој денеска се обрати до приврзаниците и исчезна во толпата

од Илинка Илиоска
38 прегледи

Шпанската полиција денеска ја почна операцијата „Кафез“ во потрага по поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон, кој по седум години минати во егзил, и покрај заканата за апсење, денеска се појави во Барселона и им се обрати на поддржувачите на независноста на Каталонија.

Опкружен со приврзаници, Пуџдемон одржа говор во близина на споменикот на Триумфалната капија, во близина на Парламентот на Каталонија, каде денеска се избира новиот премиер на тој регион, но тој не влезе во Парламентот, објавија локалните медиуми, наведувајќи дека по говорот, му се губи трагата на Пуџдемон во толпата.

Полицијата ги затворила излезите од Барселона, а по него трагаат околу 180 полицајци. Полицајците застануваат и проверуваат автомобили во близина на границата со Франција, а од возачите на мотоцикли бараат да ги соблечат кацигите, пишуваат медиумите.

Во меѓувреме, кандидатот за премиер Салвадор Ила, шпански унионист и социјалист, се обрати до Парламентот, велејќи дека Каталонија треба да започне нова ера со воспоставување на „политичка нормализација“.

Околу Парламентот има силни полициски сили. На едната страна се унионистичките демонстранти, предводени од десничарската партија Вокс, кои извикуваат „Каталонија е Шпанија“ и бараат апсење на Пуџдемон. Од другата страна се поборниците на независноста кои во еден момент се упатија кон интервентниот кордон пред Собранието, по што полицијата ги испрска со солзавец.

Пуџдемон, кој во 2017 година одржа забранет референдум за независност на Каталонија, во своето обраќање пред поддржувачите утринава рече дека се вратил за да ги потсети дека се уште е тука.

„Каталонија има право да одлучува за својата судбина. Одржувањето референдум не е и никогаш нема да биде кривично дело“, им рече тој на толпата која носеше каталонски знамиња.

Со отстапка на малцинската левичарска влада предводена од Педро Санчез на партиите за независност, вклучително и Заедно за Каталонија на Пуџдемон, шпанскиот Парламент во мај усвои закон за амнестија со кој ја прекина кривичната постапка против неколку стотици организатори на референдумот.

Сепак, Врховниот суд во Мадрид пресуди дека со амнестијата не може да биде опфатен Пуџдемон поради „проневера“ на пари на даночните обврзници и затоа издаде налог за апсење.

Слични содржини