Шпанскиот крал сам си ја намали платата

од Vladimir Zorba
80 прегледи

Кралот на Шпанија Фелипе VI ќе добива со 20% помалку плата од својот татко Хуан Карлос, објавија од шпанскиот двор. Ова е првото финансиско решение на новиот крал, кој вети дека ќе го подобри имиџот на монархијата.

felipe-noviot-kral-na-shpanija-handsome-2

Шпанија е тешко погодена од мерките за штедење. Речиси секој четврти во земјата е без работа, а гласањето во декември за буџетот на палатата е замрзнат на 7,8 милиони евра за 2015 година.

Оваа сума се распределува според кралската волја и 47-годишниот Фелипе одлучи да ја намали дебелината на ковертот кој го добива како шеф на државата, со 20% од 292 752 евра кои ги имаше абдицираниот  Хуан Карлос за минатата година. Така Фелипе VI ќе треба да се вклопи во 234 204 евра.

42-годишната кралица Летисија ќе добие за целата година помалку од половина од платата на нејзиниот сопруг. Таа ќе земе од шпанските даночни обврзници вкупно 128 808 евра.

Фелипе VI донел одлука и за износот што ќе му  даде на поранешниот крал. Неговиот татко Хуан Карлос ќе располага со 187 356 евра државни средства. Откако абдицирал во јуни 2014 година со значително издишана популарност поради серијата скандали тој ја задржа почесната титула крал. Неговата сопруга Софија, исто така со титула кралица, ќе може да смета на 105 396 евра.

Остатокот од кралскиот буџет се дели помеѓу трошоците за персоналот (3,8 милиони евра), трошоците за стоки и услуги, како што се трошоци за опрема, изнајмување и оние поврзани со церемониите (2,9 милиони), инвестиции (190 606 евра), како и на фонд за покривање на неочекувани трошоци (155 500 евра).

Буџетот на дворецот се намалува или се замрзнува  секоја година од 2010 година, откога кралството е зафатено да ги лекува економските рани со историски штедења.Во 2014 година, кралот Хуан Карлос I одлучи да ги замрзне платите, додека вкупниот буџет за кралското семејство беше намален за 2% во споредба со претходната година. / АФП