Врховниот командант на НАТО во Европа, генерал Тод Волтерс, предложил НАТО да воспостави воено присуство во Бугарија и Романија, пишува денеска германскиот весник „Шпигел“.
Како што се наведува, Волтерс го предложил ова откако Русија, како што се тврди, акумулирала војници во близина на границата со Украина, пренесе Ројтерс.
„Шпигел“ не го цитираше директно Волтерс, но наведе дека има информации дека Волтерс „повикал на зајакнување на трупите на НАТО на источната граница“ за време на разговорите преку видео врска со воените команданти на земјите партнери.
Германскиот весник наведува дека предлозите на Волтерс значат проширување на присуството на мисијата на НАТО, во рамките на која Алијансата распореди воени сили во балтичките земји и во источна Полска.
НАТО одби да ги коментира наводите на „Шпигел“.
Бугарија и Романија веќе повикаа на проширување на военото присуство на НАТО во тие земји.
Воената акумулација на руските сили во близина на Украина доведе до зголемени тензии меѓу Москва и НАТО.
НАТО ја повика Русија да не ја напаѓа Украина, а Русија негираше дека планира да изврши инвазија.