„За новата косовска влада се одлучува и во Берлин: на парискиот плоштад, каде сè уште е официјално едно од работните места на американскиот амбасадор Ричард Гренел. Дипломатот е исто така вршител на должноста директор на американското разузнавање, како и специјален пратеник за мировни преговори меѓу Србија и Косово“, пишува „Шпигел“ на материјал под наслов „Хаос во американскиот протекторат“.

„Гренел треба да го организира триумфот на американскиот претседател Доналд Трамп: трајно решение во најсиромашната земја во стратешки важниот Западен Балкан. Мировен договор меѓу Србија и нејзината поранешна провинција, САД сакаат да постигнат преку територијална размена, вклучително и гранични измени – на кои повеќето земји на ЕУ се спротивставуваат. Тие сметаат дека менувањето на границите на Балканот се исклучително опасни“.
Германскиот весник понатаму пишува: „Трамп сега го заострува курсот на поранешните американски претседатели. Тој го третира Косово како протекторат и го зацементира барањето на Вашингтон за влијание во дворот на ЕУ. Ова е потврдено од случувањата околу разрешувањето на косовскиот премиер Албин Курти на 25 март. Кога неговата партија освои најголем број гласови на изборите на есен, беше јасно: многу граѓани јасно сакаа да раскрстат со стариот систем на Косово. Неговата влада беше прва во Приштина каде воените ветерани немаа главен збор. Тој исто така се смета за борец против корупцијата“.
„Курти зборуваше против промена на границите. Неговата влада опстоја само седум недели. Вршителот на должноста премиер ги обвинува САД дека се вклучени во рушење на неговата коалиција. Додека канцеларката Меркел изрази солидарност со Курти, Гренел очигледно долго време ги подготвуваше претседателите на Србија и на Косово за промена на курсот во Приштина. Американскиот амбасадор во Косово беше отворено и јавно славеше за неуспехот на Курти. Во иднина, партијата на Рамуш Харадинај – поранешен герилски командант кој со децении ја ужива наклонетоста на Вашингтон, може да ја врати власта во Приштина“, заклучува новинарот Валтер Мајр за „Шпигел“.