Унгарскиот премиер Виктор Орбан во вторникот итно свика состанок на Советот за одбрана, поради сериозен шпионски скандал за кој тврди дека е дел од координирана операција на украинските разузнавачки служби. Според Орбан, целта на оваа операција, во која наводно била вклучена и унгарската опозиција, била да се попречи националното гласање за можниот влез на Украина во Европската унија.
Мате Кочиш, шеф на парламентарната фракција на владејачката партија Фидес, на прес-конференција откри имиња на украински разузнавачи кои, според унгарските власти, работеле под дипломатско покритие во Будимпешта. Тие се прогласени за непожелни лица (персона нон грата) и се протерани од земјата.
Станува збор за првите секретари на украинската амбасада во Будимпешта – Јуриј Кернични и Дмитро Кричфалуши. Покрај нив, унгарските власти го уапсиле и Сергеј Александров, поранешен вработен во украинската амбасада. Тој бил приведен минатиот петок и веднаш депортиран од земјата, со десетгодишна забрана за влез во Унгарија и Шенген зоната.
Кочиш изјави дека унгарските служби веќе подолго време регистрирале активности од страна на украинското разузнавање, но не реагирале јавно за да не ги нарушат билатералните односи. Сепак, минатата недела украинската страна излезе со соопштение поврзано со унгарските разузнавачки активности, што, според Кочиш, било дел од политичка кампања насочена против унгарската влада.
Дополнително, Кочиш објави дека украинската служба за безбедност уште пред еден месец уапсила лица осомничени за соработка со унгарските служби, но нивното приведување било јавно објавено дури сега – во период кога тоа ѝ одговара на унгарската опозиција.
Орбан и неговата влада ја опишаа оваа ситуација како сериозна закана за националната безбедност и сигнализираа дека ќе преземат дополнителни мерки за заштита на државата.