Германското надворешно разузнавање БНД изгледа сосема беспомошно во аферата со американската АНС. Вината за тоа ја носи најмногу кабинетот на канцеларката, а Меркел веќе не може да се извлеч неповредена, тврди во својот коментар М. Фјурстенау.
“Германското надворешно разузнавање BND (БНД) е врховна федерална служба на послушност на Федералната канцеларија”. Ова е запишано уште во првата реченица на Законот за БНД. Оттука кабинетот на канцеларката е одговорен за тоа што прават агентите на надворешното разузнавање. И ако се оди според правилата и според законот, БНД дејствува по нарачка и со знаење на кабинетот на канцеларката. Претседателот на службата го информира редовно кабинетот на канцеларката за стекнатите информации од “надворешно-политичкото значење”.
Од 2012 година оваа задача ја извршува Герхард Шиндлер. Очигледно прилично лошо. Овој впечаток се засилува од долготрајната речиси две годишна афера со американската Агенција за национална безбедност (АНС). Во меѓувреме Шиндлер веќе и официјално признава за груби грешки во соработката со американските партнери. БНД не ги проверило темелно нивните барања за прислушување на одредени политичари и фирми. Самокритиката сепак се однесува единствено на шпионски активности на партнерите. Шефот на БНД тврди дека надворешното разузнавање не ги прекршило германските закони. Истовремено, тој инсистира на јасни законски одредби за тоа, што е дозволено, а што не. Сето ова не само звучи контрадикторно, но и дефинитивно е контрадикторно.
Кабинетот на канцеларката против БНД?
Волево или не, Шиндлер илустрира пред истражната комисија дека БНД дејствува во опасна правна сива зона. Од рамнодушност, по индикација на владата или под притисок на Американците? – Веројатно има малку од сè. Донекаде нередот се должи и на однесувањето на кабинетот на канцеларката: искористување на таква популарнљ реченица на Ангела Меркел дека воопшто не е редно пријателите меѓусебно да се шпионираат, одамна стана бумеранг. Особено откако стана јасно дека БНД помагало на АНС да шпионира европски компании и институции.
Со своите постапки германската влада само го зацврсти чувството дека овие обвинувања воопшто не се неосновани. Досега не сме разбрале што мисли таа за основното прашање – имено дали го смета шпионирањето на европски партнери за незаконско. Оваа двосмислен тактика е не само застрашувачка, но и скандалозна. Одговорот на прашањето за законски акти на извршната власт и подредените нејзини служби, како БНД, може да биде само “да” или “не”. Сето друго личи на политички памфлет. Не е чудо што германското надворешно разузнавање изгледа толку беспомошно и дезориентирано во аферата со АНС. Разузнавањето едноставно нема јасни политички прописи. А тие можат да дојдат само од кабинетот на канцеларката.
Аферата штети на имиџот на Меркел
Заслуга на истражната комисија е дека успева да внесе раздвижување во ова така важно прашање од меѓународното право. Надежта на Ангела Меркел дека ќе се извлече неповредена од аферата, се покажа илузија. Две години по првите откритија на Едвард Сноуден, се почесто се слуша зборот “државна афера”. Прв ја употреби Вице Премиерот Зигмар Габриел, со што се согласуваат 60 проценти од германските граѓани, како што покажа анкетата на социолошкиот институт “Емнид” по нарачка на списанието “Фокус”.
Во исто време речиси две третини од Германците се сомневаат дека германската канцеларка навистина сака аферата да биде разплетена докрај, пренесе телевизија ARD. Од Ангела Меркел зависи дали луѓето ќе го сменат своето мислење. Таа е должник не само на јавноста, но и на БНД. Германската јавност и надворешното разузнавање имаат право да претендираат за правна сигурност и владеење на правото. А штетата нанесена на демократијата, веќе е доволно голема.
