Шри Ланка: Полицијата го отстрани протестниот камп во близина на претседателството

од Stefanija Kuzmanovska
213 прегледи

Безбедносните сили на Шри Ланка упаднаа во протестниот камп кој претходно го окупира владиниот комплекс во главниот град Коломбо и утрово расчистија дел од него, еден ден откако Ранил Викремесинг положи заклетва како нов претседател на земјата, која се соочува со невидена економска криза, пренесува „Ројтерс“.

Медиумските снимки покажуваат војници во опрема за бунт и вооружени со пушки како го уриваат кампот што го поставија демонстрантите во април, незадоволни од економскиот колапс на земјата, што предизвика сериозен недостиг на гориво, храна и лекови, објави британската агенција.

„Заедничка операција во која учествуваа воени и полициски специјални единици беше започната во раните утрински часови за да се врати претседателскиот секретаријат од демонстрантите, кои немаат законско право да останат таму“, изјави портпаролот на полицијата за „Ројтерс“.

Наведено е дека во таа прилика се уапсени девет лица, меѓу кои и две повредени.

Организаторите на протестот објавија дека стотици припадници на безбедносните сили го опколиле нивниот камп по полноќ, а потоа уништиле еден дел од него.

По зори, десетици војници патролираа во областа, а низите шатори на демонстрантите што стоеја од двете страни на патот што минува пред канцеларијата на претседателот беа целосно отстранети, наведува „Ројтерс“.

Слични содржини