ШТЕДЕЊЕ СТРУЈА: Граѓаните се жалат на расипани производи во маркетите – инспекторите наутро ги проверуваат ладилниците

од Берта Китинска
311 прегледи

Изминатиот период се почесто граѓаните наместо смрзнати, купуваат полусмрзнати производи од маркетите. Сето ова доаѓа откако поголемите маркети ги исклучуваат фрижидерите каде ги чуваат производите, а се со цел штедење на електрична енергија, поради зголемувањето на цените на индустриската струја и актуелната енергетска криза.

Од Организацијата на потрошувачи посочуваат дека граѓаните најмногу се жалат за млечните и сувомеснатите производи за кои е пропишан начинот на транспорт и чување.

-Имавме поплака од потрошувачи за конкретни производи со образложение дека бил прекинат ладниот ланец на чување на производите на одредена температура од страна на операторите со храна. Исто така за исклучување на ладилниците и фрижидерите во малопродажната мрежа реагираа и други потрошувачи до ОПМ и до Министертсво за економија, а бројни беа и реакциите за истиот проблем на социјалните мрежи, велат во разговор за „Локално“ од Организацијата на потрошувачи.

Оттаму посочуваат дека со прекинување на ладниот ланец потрошувачите се доведуваат во ситуација да купат расипан производ.

– Најчесто поплаките се однесуваат на млечни и сувомеснати производи за кои е пропишан начинот на транспорт и чување, а со прекинување на ладниот ланец потрошувачите се доведуваат во ситуација да купат расипан производ што може да предизвика здравствени проблеми, појаснуваат од ОП.

Тие велат дека потребна е посилна контрола во прадажните места во раните утрински часови заради проверка на трговецот дали и како го одржува ладниот ланец.

-Мерките против оваа појава се преземени од страна на Советот за заштита на потрошувачи на Владата на РСМ каде има претставник и ОПМ а одржана е средба во Стопанска Комора на РСМ каде заедно со надлежните инспекциски органи и трговците е разговарано за потребата од поголема одговорност и евентуално засилување на надзорот ( кој може да се врши и во раните утрински часови заради проверка на трговецот дали и како го одржува ладниотл ланец), подвелкуваат од ОП.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство во разговор за „Локално“, посочуваат дека досега на нивна адреса се поднесени 4 претставки од граѓани кои се пожалиле на несоодветно чување на производите поради исклучување на разладните уреди.

-Пo 3 претставки е постапено од страна на инспекциските служби, а една е во фаза на постапување, велат од АХВ.

Инспекторите од Агенцијата со вонредните контроли не е утврдиле појава на исклучување на фрижидерите, односно, само кај 3 оператори констатирале отстапки во температурниот режим.

-Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, од 15 септември, заклучно со 17 октомври извршија 370 вонредни инспекциски контроли во маркети и угостителски објекти, а постапуваа и по поднесените претставки до Агенцијата за храна и ветеринарство дека поради штедење на струја се исклучуваат разладните уреди во маркети и угостителски објекти, особено по завршување на работното време. Со вонредните контроли не е утврдена појава на исклучување на фрижидерите, односно, само кај 3 оператори констатирани се отстапки во температурниот режим, поточно на чување на производите на температура која не соодветствува со потребната која е декларирана на производите, велат од АХВ.

Досега Агенцијата за утврдените недоследности на операторите има поднесено 3 платни налози.

-Кај 17 оператори со вонредните контроли утврдено е дека не воделе записи за следење на температурата во разладните уреди, за што се издадени 12 решенија за отстранување на недоследностите и 5 едукации за отстранување на недоследностите. Вонредните инспекциски контроли ќе продолжат и во наредниот период и ќе продолжат да се спроведуваат и во раните утрински часови, пред отпочнување со работа на маркетите и угостителските објекти со цел утврдување на реалната фактичка состојба со чување на храната во разладните уреди. Покрај вонредните, инспекциските служби на АХВ спроведуваат и редовни контроли согласно Годишниот план за инспекциски контроли и постапувајќи по претставки поднесени од граѓаните со кои исто така се контролира ладниот ланец и чувањето на производите во разладните уреди, појаснуваат оттаму.

Од АХВ за „Локално“ додаваат дека согласно утврдената недоследност постојат одредени мерки и казни за прекршителите.

-Во почетокот на месецов, Агенцијата за храна и ветеринарство одржа работен состанок со оператори со храна членки на Стопанската комора, на која присуствуваа и претставници на Советот на потрошувачи при Министерството за економија и Организацијата на потрошувачи. На состанокот дадени беа насоки и препораки на операторите со храна со цел да се спречи појавата на исклучување на разладните уреди и укажано беше дека тоа може да доведе до опасност од нарушување на безбедноста на храната и до скратување на рокот на употреба на производите. Зависно од видот на утврдената недоследност со контролите, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство можат да изречат мерка едукација на операторите со храна, да наредат отстранување на недоследноста, да изречат парична казна или да поднесат прекршочни и кривични пријави за потешките дела, велат од Агенција за храна и ветеринарство.

Б.М.

Слични содржини