Штетите од поплавите во Германија се проценуваат во милијарди, обилни дождови и во јужна Италија

од Stefanija Kuzmanovska

Бројот на жртви од поплави кои погодија неколку европски земји се искачи на 188. Во Германија, во тек е потрагата по неколку стотици исчезнати во најголемата природна катастрофа што ја снајде таа земја во последните 60 години. Во таа земја загинаа 157 лица, но се стравува дека црниот биланс ќе биде поголем.

Во околината на Келн на западот на Германија, поројот однесе над сто животи. Полицијата очекува да најде повеќе жртви кога водата ќе се повлече. Армијата ги искористи сите расположливи ресурси во расчистувањето.

Федералните и провинциските влади ја проценуваат штетата на неколку милијарди евра, а веќе е утврдена итна помош од 300 милиони евра за санирање на штетите во провинциите Рајна-Фалц, Северна Рајна-Вестфалија и Баварија.

„Ова е застрашувачко. Германскиот јазик нема зборови за да го опише ова уништување. Но, тоа е охрабрувачки како луѓето се држат заедно, како си помагаат едни на други. Ние сме со вас. Реконструкцијата ќе биде долга, но ќе сториме сè оваа убава област да биде како порано“, рече канцеларката Ангела Меркел.

Критично е и во покраините на Австрија кои граничат со Германија: Салцбург и Тирол. Обилни дождови го погодија и југот на Италија, каде улиците се претворија во реки. Во холандската провинција Лимбург – беше пробиен насип. Армијата е ангажирана и во Белгија за спасување и евакуација во четири провинции.

Слични содржини