Неколку илјади ракети и гранати биле складирани во складиштата за муниција, кои се уништени во експлозии во Бугарија, јави Бугарската национална телевизија (БНТ).
Воениот магацин во селото Ловнидол, кој експлодирал во 2011 година, наводно содржел 3.000 гранати од 152 милиметри, кои биле модернизирана верзија на советско оружје. Гранатите од тој калибар се наменети за пукање од хаубици. Сите биле уништени во експлозијата.
Магацинот „ВМЗ Сопот“, кој експлодирал во март 2015 година, содржел 2.000 раководени ракети и противтенковски гранати, објави бугарската телевизија.
Претходно, Бугарската национална телевизија, повикувајќи се на обвинителството, рече дека шест руски државјани се осомничени дека предизвикале експлозии во фабрики и воени магацини во Бугарија во 2011, 2015 и 2020 година, а тројца беа обвинети за обид за убиство на бугарскиот бизнисмен Емилијан Гебрев.
Обвинителството тврди дека за десет години бугарските власти забележале бројни случаи на експлозии во магацините и производствените капацитети на фабриките за неутрализирање на експлозивни направи, производство на оружје и муниција.
-Сличности се откриени во четири случаи, рече портпаролката на главниот обвинител, Сијка Милева.
Обвинителството наведува дека првиот случај се случил во 2011 година, а станува збор за експлозија во магацинот на компанијата „ЕМКО“. Муниција и експлозив наменети за извоз во Грузија наводно биле уништени.
Компанијата „ЕМКО“ го обвини бугарското обвинителство за изобличување на фактите за време на истрагата за експлозиите во складиштата за муниција. Во соопштението на компанијата се демантираат информациите дека муницијата била наменета за извоз, меѓу другото, и во Грузија.
Претходно, чешките власти објавија дека се сомневаат дека руските разузнавачки служби се одговорни за експлозијата во складиштето за муниција во селото Врбјетице во 2014 година. Истиот ден, Чешка протера 18 руски дипломати.
Фото: БГНЕС