Кога некој од другата страна на Осоговието ќе го спомене терминот „заедничка историја“ помеѓу Македонците и Бугарите, овдешните лаици по односната тема, со комплекс на висока вредност дека „се знаат“, веднаш се истрчуваат да дадат цинична изјава дека „единствената заедничка историја на Македонија и Бугарија, е фашистичката окупација на Бугарија врз македонските територии за време на Втората светска војна“. Но дали е тоа така?! Веројатно, малкумина од вас, чуле за името на Стојан Христов, американски писател од македонско потекло, новинар, публицист, аналитичар и сенатор, родум од егејското село Кономлади, Костурско, кон крајот на деветнаесеттиот век.
Неговиот деведесет и деветгодишен животен пат, исполнет со предизвици, го прави еден од најреспектираните писатели на своето време. Како секој, во кој „крвта не е вода“, неговото родно место, својот народ, потекло и предци го водат, најчесто во своите писателски дела да ја опфаќа тематиката на поробениот македонски народ, неговата тешка национална и социјална положба како под власта на Отоманската империја, така и за разделеноста потоа меѓу соседните балкански монархии.
Како „природно“ се станува од Бугарин-Македонец?!
Кога ќе ги отворите официјалните македонска и бугарска библиолографска википедија за овој исклучителен американски општественик ќе видите две спротиставени верзии, во кои се пренесуваат апсолутно различни вистини за неговиот животопис, но и двете точни: освен во делот во кој се (о)пишува неговиот пат по преселбата во САД, работењето и изградбата на американските железнички пруги, неговото студиско образование кои се идентични, сосема различни информации се пласираат за неговата подоцнежна улога во поствоена СР Македонија, но и во пред воена царска Бугарија.
Додека нашата историографија потенцира дека по формирањето на македонската држава во рамките на новоформираната СФР Југославија, Христов заедно со неговата сопруга Маргарет Воутерс Христов, Американка од индијанско потекло, ја посетува Македонија, по покана на Друштвото на писателите на Македонија, потоа станува почесен член на ДПМ, за на крајот во 1985-та година да стане почесен член на МАНУ, со највисоки почести, бугарската историографија фрла светлина и го акцентира неговото професонално другарување со Александар Балабанов, општественик и универзитетски професор во тоа време, и Елин Пелин, еден од најголемите писатели на Бугарија во дваесеттиот век.
Дополнително, потенцирани се неговите интервјуа со Иван Михајлов, најрепрезентативниот лидер на историската револуционерна организација ВМРО, царот Борис Трети Обединител, и Владо Черноземски, подоцнежниот атентатор на српскиот престолонаследник Александар Караѓорѓевиќ.
Нормално, напишано е дека Стојан Христов, во своите писателски дела тој се определувал себе си и својот род во Егејско како „македонски Бугари“, за да потоа се нагласи дека при последните децении од својот живот тој „жестоко се македонизирал“, кога станал член на левичарскиот „Македонски народен сојуз“, предводен од Георги Пирински во Соединетите американски држави.
Мрачниот тунел на нашите меѓусебни односи!
Што можеме да извлечеме како заклучок од овој целвековен животен пат на исклучителниот американски општественик, во прв ред писател?! Па дека тој е огледалото на формирањето на свеста и посебноста на македонската етнонационална супстанца, и колку тој пат бил трнлив. Во периодот меѓу двете светски војни, истражувајќи ги соображенијата на историското ВМРО и неговите борби за слободата на Македонија, тој навистина сметал дека „Македонците се Бугари“, но потоа низ историските процеси на создавањето на македонскиот посебен супстрат, различен од тој на бугарското национално ткиво, тој „се освестил“ дека е етнички Македонец.
Дали бил под жесток притисок за негова дебугаризација од страна на Титовите партизани, и новата комунистичка тоталитарна власт во Вардарска Македонија, како што тврди денеска официјалната историографија на Бугарија, дека со „еден декрет на Тито“, Бугарите во Вардарско станаа преку ноќ станаа Македонци?! Молам, да не бидеме смешни. Никој, не пак Тито, може еден исклучителен интелектуалец од ваков маштаб, како што е Стојан Христов, да го направи од Бугарин-Македонец, доколку држи до себе.
Туку е прашање на друго нешто. Слично како кај таткото на македонизмот Крсте Петков Мисирков, и плејада други интелектуални преродбенички величини на своето време, во тие суштински моменти на создавање на посебноста на македонската нација се „кршеле“ внатре во себе дали се Бугари или нешто друго, односно посебен етнонационален род Македонци. Доколку ние денеска, како посебно општество, нација и држава Македонија ја прифатиме оваа историска реалност, на создавањето на македонскиот национален идентитет и посебното национално чувство, испретплетено длабоко со тоа на бугарското, и доколку Бугарите го прифатат тој развој како природен тек на историските настани и собитија, на одвојување на посебноста на македонската нација, тогаш може многу лесно да се разбереме и да се договориме во духот на добрососедството како два цивилизирани европски народи. Нема потреба Стефан Дечев и Ивајло Дичев таму, а тука Владо Бучковски и Денко Малески да бидат изложувани на „општествениот столб на срамот“ како национали предавници. Да ги поштедиме.
За жал, ниту македонското, ниту бугарското општество не се подготвени да ја прифатат оваа историска вистина, погледната од овој филозофски агол. Далеку е светлото од крајот на деценискиот мрачен тунел, во кој потонаа нашите меѓусебни „братски“ (добро)соседски односи.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот